Македонскиот рубин ќе добие сертификат за потекло со QR-код
Македонскиот рубин ќе добие сертификат за потекло со QR-код
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја заокружува клучната институционална фаза за заштита, контрола и меѓународна афирмација на македонскиот рубин. На денешната прес-конференција, министерката Сања Божиновска, заедно со претставници од Геолошкиот завод и Државниот завод за индустриска сопственост, го презентираше новиот систем кој ќе обезбеди правна гаранција, сертификација и спречување на злоупотребите на овој уникатен природен ресурс. Процесот започна во 2025 година, а по изработката на посебниот Елаборат, Државниот завод за индустриска сопственост на 17 јуни 2026 година донесе решение со кое географскиот назив „Македонски рубин“ беше официјално заштитен. Овој специфичен полускапоцен камен од природен корунд е директно поврзан со прилепските доломитски и калцитско-доломитски мермери. За практично спроведување на заштитата е формирана посебна Комисија за контрола на квалитетот и посебните својства на производот. Комисијата е предводена од Анета Ристовска, а во нејзиниот состав влегуваат и Кика Шпритова, Мице Тркалески, Филип Јованоски и Деан Шкартов. Новиот систем предвидува воспоставување јавен регистар на сите лиценцирани правни и физички лица кои се занимаваат со вадење, обработка и продажба на рубинот. Секој автентичен производ ќе поседува сертификат со QR-код, чија изработка е планирана до крајот на октомври. Преку скенирање на кодот, купувачите и туристите ќе добијат директна институционална гаранција за потеклото и квалитетот на каменот. Паралелно со домашната регулатива, Државниот завод за индустриска сопственост достави иницијатива до Владата за пристапување кон Женевскиот акт на Лисабонскиот договор. Овој чекор ќе овозможи географската ознака „Македонски рубин“ да добие меѓународна заштита и препознатливост на глобалниот пазар. Прашањата поврзани со заштитата и прометот на македонскиот рубин ќе бидат соодветно инкорпорирани и во новиот Закон за рударство кој е во фаза на изработка. Како дел од промотивните активности, во просториите на Министерството е отворена и мини-галерија посветена на минералните богатства, реализирана во соработка со невладината организација „Откритие“.
Министерството за земјоделство додели над 1,2 милиони денари за поддршка на девет локални манифестации и саеми
Министерството за земјоделство додели над 1,2 милиони денари за поддршка на девет локални манифестации и саеми
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, потпиша девет договори за финансиска поддршка за организирање локални манифестации и саеми од областа на земјоделството и руралниот развој. Вкупната вредност на доделените средства изнесува 1.283.889 денари, а мерката има за цел да ги поддржи здруженијата и општините во промоцијата на домашните производи. Финансираните настани се насочени кон директно поврзување на производителите со потрошувачите, зголемување на препознатливоста на локалните земјоделски производи и афирмација на традиционалната гастрономија и руралниот туризам. Финансиска поддршка за организација на манифестациите добија следните здруженија и општини: - „Денови на медот во Македонска Каменица“ во организација на здружението „Еко кам мед“ од Македонска Каменица. - „Есенско пазарче“ поддржано преку здружението „Ума Сто“ од селото Умин Дол. - „Вкусови на ферментацијата - органско производство на храна“ во организација на „Слоу фуд Лихнидос“ од Охрид. - „Ајверијада во Општина Босилово 2026“ во организација на Општина Босилово. - „Ден на празот“ традиционална манифестација поддржана преку Општина Василево. - „Костенијада“ во организација на Општина Ново Село. - „Традиција на Скопска Црна Гора“ поддржана преку Општина Чучер-Сандево. - „Преспански јаболкобер“ во организација на Општина Ресен. - „Денови на кочанскиот ориз“ поддржана преку Општина Кочани. Избраните манифестации ќе се одвиваат во периодот од 10 септември до 31 декември 2026 година. Преку нивното одржување, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство има за цел да ја поттикне локалната економска активност, да им овозможи на земјоделците директен пласман на своите производи на локалните плоштади и да придонесе за одржлив развој на руралните средини низ целата држава.
Реализацијата на Буџетот достигна 60,7 проценти од годишниот план, приходите со раст од 8 проценти
Реализацијата на Буџетот достигна 60,7 проценти од годишниот план, приходите со раст од 8 проценти
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, одржа работна координациска средба со директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, и директорот на Царинската управа, Бобан Николовски. На средбата детално беа анализирани тековните резултати од наплатата на јавните приходи и општата реализација на државниот Буџет. Според констатациите, буџетските активности се одвиваат во рамки на предвидените параметри, при што во моментов не се забележани позначајни отстапувања ниту на приходната, ниту на расходната страна. Официјалните податоци за првите осум месеци од оваа година покажуваат позитивна динамика во приливот на средства во државната каса. Вкупните буџетски приходи заклучно со август достигнаа 230,6 милијарди денари, што претставува 60,77 проценти од годишниот план и претставува раст од 8 отсто во споредба со истиот период минатата година. Во рамките на овие бројки, даночните приходи се реализирани со 131,5 милијарди денари, бележејќи годишен раст од 8,2 проценти. Позитивни резултати се забележани кај сите клучни даночни категории: - Данок на добивка: забележан е највисок раст од 19,9 проценти. - Данок на личен доход: бележи зголемување од 10,9 проценти. - Данок на додадена вредност (ДДВ): реализиран е раст од 10,6 проценти. - Увозни давачки: бележат зголемување за 9,7 проценти. На средбата беше посочено дека одредено отстапување е евидентирано кај акцизите, што се должи на владините мерки за ублажување на ценовните шокови кај нафтените деривати. Министерството за финансии и надлежните управи ќе ја следат оваа категорија со посебно внимание. На расходната страна, во периодот јануари-август се реализирани 268,9 милијарди денари, односно 63,15 отсто од вкупно планираните буџетски расходи. Надлежните институции потврдија дека координацијата меѓу Министерството за финансии, УЈП и Царинската управа продолжува со цел навремено сервисирање на сите државни обврски, зачувување на стабилноста на јавните финансии и заштита на стандардот на граѓаните и стопанството.
Љубљана добива директна авиолинија со Њујорк од мај следната година: United Airlines ќе лета четири пати неделно
Љубљана добива директна авиолинија со Њујорк од мај следната година: United Airlines ќе лета четири пати неделно
Од мај 2027 година, американската авиокомпанија United Airlines започнува со редовна директна авиолинија меѓу Њујорк и Љубљана. Новата линија ќе сообраќа четири пати неделно меѓу аеродромите во Њујорк и Љубљана со Boeing 767-400ER. Интересот на американските патници за Словенија бележи континуиран и брз раст. Според податоците на Државниот завод за статистика на Словенија, во 2025 година земјата ја посетиле над 200.000 гости од САД кои оствариле речиси 449.000 ноќевања, што претставува зголемување од 11 проценти во споредба со претходната година. Овој позитивен тренд дополнително се забрза во првите седум месеци од 2026 година, кога е забележан пораст од 23 проценти кај пристигнувањата и 21 процент кај ноќевањата. Американските туристи се исклучително значајни за словенечкиот туризам бидејќи остваруваат повисока потрошувачка и често патуваат надвор од главната летна сезона. Во промоцијата на Словенија на американскиот пазар клучна улога има кошаркарот Лука Дончиќ. Неодамна, на негова иницијатива и покана, НБА тимот Лос Анџелес Лејкерс ја посети Словенија, што предизвика голем интерес во водечките светски медиуми. Словенечката туристичка организација спроведува континуирани промотивни кампањи во соработка со глобални медиуми како National Geographic и Condé Nast Traveler, како и со водечките светски здруженија за луксузни патувања. Земјата беше домаќин на престижниот настан Virtuoso Chairman’s Event, што помогна Словенија да се позиционира меѓу водечките луксузни дестинации во Европа.
НАСА потпиша нов договор со SpaceX вреден 946 милиони долари за три летови до Меѓународната вселенската станица
НАСА потпиша нов договор со SpaceX вреден 946 милиони долари за три летови до Меѓународната вселенската станица
Американската вселенска агенција НАСА потпиша модификација на постоечкиот договор со компанијата SpaceX, со која се нарачуваат три дополнителни мисии со екипаж до Меѓународната вселенска станица. Со оваа одлука, вкупниот број на одобрени транспортни мисии за SpaceX се зголеми на 17, со што НАСА обезбедува континуиран и непречен пристап до орбиталната станица преку своите комерцијални партнери. Договорот е со фиксна цена и ги опфаќа планираните мисии Crew-15, Crew-16 и Crew-17. Вкупната вредност на оваа модификација изнесува 946 милиони долари, а договорените обврски ги покриваат сите фази на мисиите - од копнени подготовки и лансирање, преку престојот во орбитата и транспорт на товар, па сè до безбедното враќање на астронаутите на Земјата и обезбедување капацитети за итно евакуирање. Спроведувањето на новиот договор е планирано да трае до 2030 година, при што првите ротации од овој пакет треба да бидат подготвени за лансирање во текот на 2027 и 2028 година. Со последното проширување, вкупната вредност на договорот за комерцијални транспортни капацитети кој НАСА го има склучено со SpaceX достигна 5,92 милијарди долари. Од НАСА нагласуваат дека не е исклучена можноста за идни дополнителни модификации на договорите, доколку се појави потреба од дополнителен транспорт на екипаж и материјали.